• Мартин Танасковски

Алекс Фергусон беше човекот кој го донесе Кристијано Роналдо во Манчестер Јунајтед и го вивна кон светската слава. По кам-бекот на Португалецот на „Олд Трафорд“, славниот тренер говореше за враќањето на местото на успехот и за фактот дека Роналдо долго време се поврзуваше со градскиот ривал Манчестер Сити.
„Возбуден сум исто како и сите останати, уште ден пред натпреварот имаше такво исчекување, па и утрово кога се разбудивме. Ова е голем ден за Манчестер Јунајтед. Многу луѓе беа вклучени во моментот Роналдо пак да се врати во Јунајтед. За мене овој трансфер е и олеснување, затоа што не можев да замислам Роналдо да игра за Манчестер Сити. Затоа сите презедовме чекори тој да се врати тука. Разговарав и со Глејзер. Мислам дека Роналдо ќе има големо влијание на младите играчи, има искуство да се носи со ситуацијата“, кажа Фергусон.
Роналдо имаше блескав кам-бек во Манчестер Јунајтед со два постигнати гола во победата над Њукасл (4-1). „Ѓаволите“ сега се изедначени со лидерот во Премиер лигата, Челзи. И двата тима имаат по десет бода.