ВИДЕО: Ференцварош на Спировски и Ребров го доби дербито и побегна на врвот

Со доаѓањето на Сергеј Ребров, Ференцварош на Стефан Спировски поврза победничка серија во унгарскиот шампионат и веќе по девет кола има огромна предност пред пратителите. Вицешампионот славеше во големото дерби со лутиот ривал Ујпешт, новиот клуб на Кире Ристевски, со 1-0 (0-0).

Единствениот гол на натпреварот го постигна Италијанецот Давиде Ланзафаме. Некогашниот фудбалер на Јувентус со удар од свртување на прекрасен начин го реши дербито и предизвика ерупција од одушевување меѓу домашните фанови. Цел натпревар одигра нашиот репрезентативец Спировски, кој е незаменлив и кај наследникот на Томас Дол.

Шампионот Видеотон на Бобан Николов славеше на теренот на Диосѓер со 0-1. Ференцварош е лидер со 23 бода, седум повеќе од второпласираниот Хонвед и осум од Видеотон.