Фердинанд: Да бев тренер, веднаш ќе му речев на Роналдо да седне

Фердинанд

Рио Фердинанд испрати критики на сметка на Кристијано Роналдо, поради неговото однесување на гостувањето кај Јанг Бојс во Лигата на шампионите.

Екс дефанзивецот на Манчестер Јунајтед не е фан на гестикулациите на Португалецот во финишот од дуелот, во кој гостинскиот тим запиша болен пораз. Тој се обидуваше да ги распореди своите соиграчи и да им покаже како да се постават за да издржат до крај.

„Да сум тренер, би му рекол веднаш да седне. Мислам, го разбирам, тој е Роналдо, навивачите го сакаат и неговиот начин на кој се однесува. Тој е страстен, очајно сака да победи и не може да се воздржи.

Ако затоа мора да стане од клупата, да застане до тренерот и да вика инструкции, така нека биде. На крајот на краиштата, тешко е да му се спротивставиш во таков момент, меѓутоа мислам дека таа постапка не е во ред“, вели Фердинанд.

Роналдо имаше одлично деби против Њукасл Јунајтед и запиша два гола. Голгетерската серија ја продолжи во Берн, каде стрелаше за водство во првиот дел, а потоа му го отстапи местото на Џеси Лингард, кој ја направи кобната грешка вредна пораз.