Фенербахче прави голема „чистка“, Мурињо ги посочил првите засилувања

Управата на Фенербахче има намера да направи голема „чистка“ во играчкиот кадар, а во овој потег нема да бидат поштедени ниту поголемите ѕвезди во тимот. 

Целта е да се создаде уште посилен тим кој следната сезона полесно би се носел во шампионската трка со Галатасарај, а на „отстрел“ ќе бидат неколку важни играчи, меѓу кои и Србинот Душан Тадиќ. 

Според турските медиуми, реконструкцијата на „Шукри Сарачиглу“ треба да започне со доведување две засилувања за одбраната и нападот, а воедно ќе се цели и на квалитетни имиња од светска класа, кои уште повеќе би го кренале нивото на екипата. Тренерот Жозе Мурињо скоро сигурно останува на клупата и тој веќе посочил неколку потенцијални засилувања. 

На трансфер-листата ќе се најде и голманот Доминик Ливаковиќ, а се споменува дури и заминување на Един Џеко, кој исто така има голема плата во турскиот гигант. Се споменува дека проблем е и нивната возраст (36 и 39 години), а со нивното заминување би се направил простор за нови и помлади играчи. Фенер е заинтересиран за целосен откуп на договорот на Филип Костиќ од Јувентус, а исто така на радарот е и стоперот Тиаго Дјало. 

Фенербахче е во „мртва“ трка со Галатасарај за шампионскиот трофеј во Турција. Избраниците на Мурињо имаат шест бода помалку, но и еден меч помалку.