• Мартин Танасковски
Фенербахче и официјално го реализираше најскапиот трансфер во историјата на клубот, откако турскиот гигант го комплетираше ангажманот на францускиот репрезентативец Матео Гендузи.
Истанбулскиот клуб на Лацио му исплати 28 милиони евра фиксно обештетување, а договорот содржи и можни дополнителни два милиони евра преку бонуси, со што вкупната сума може да достигне 30 милиони евра. Со ова, Гендузи убедливо го презеде првото место на листата најскапи засилувања во историјата на Фенербахче.
Интересно е што ова беше втората понуда на турскиот клуб. Претходниот обид, вреден 27 милиони евра со вклучени бонуси, беше одбиен, по што управата реши да ја зголеми понудата и да ја заврши зделката.
Со овој трансфер, Фенербахче го надмина досегашниот рекорд, кој го држеше Керем Актуркоглу, донесен од Бенфика за 22,5 милиони евра. Разликата јасно говори за амбициите на клубот и за статусот што Гендузи го има на европскиот фудбалски пазар.
Одлично помина и самиот фудбалер. Гендузи потпиша договор на четири години со опција за уште една, а ќе заработува пет милиони евра нето по сезона, што претставува речиси двојно зголемување во однос на платата што ја имаше додека настапуваше во Лацио.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.

