Фелипе: Дадов убав гол, слушам убави споредби, но тој гол не донесе радост за Вардар

Македонскиот првак, Вардар синоќа беше поразен од Розенборг во вториот натпревар од групата Л на Лига Европа. Во финишот од натпреварот со „магија“ на Хуан Фелипе, вардарци го ублажија поразот. Со прекрасен лоб удар од дваесетина метри, Бразилецот ја спроведе топката во мрежата на Розенборг. Тоа беше еден од најубавите голови во групната фаза од Лигата на Европа оваа сезона. 

„Вчера одигравме добар натпревар против Розенборг. И покрај желбата за добар резултат, не успеавме. Игравме добро, бевме рамноправен противник, имавме и неколку шанси кои што не ги искористивме. Сега ни останува да мислиме за следните мечеви. Не чекаат уште четири тешки натпревари, но мораме да размислуваме позитивно и да почнеме да освојуваме бодови“, вели Фелипе. 

Овој гол е споредуван со многумина светски играчи кои што успеале на таков начин да ја затресат противничката мрежа. Фелипе истакна дека е среќен поради тоа, но е тажен што тој погодок не донесе добар резултат од Трондхајм. 

„Драго ми е за убавиот гол. На секој играч му е драго кога ќе постигне погодок, особено на вакви натпревари. Мене ми е мило поради тоа што за мојот гол го споредуваат со големи светски играчи како што е Марадона. Но, од друга страна несреќен сум што тој убав гол не донесе поволен резултат од ова гостување. Несреќен сум за поразот на тимот и се надевам дека ќе се подобриме резултатски на следните натпревари. Се согласувам со нашиот шеф на стручниот штаб Јаневски дека и неискуството е еден од факторите за поразот. Сепак, со овие натпревари го стекнуваме и тоа искуство, и се надеваме дека во идните мечеви ќе дојдат и бодовите и добрите резултати“, изјави бразилскиот интернационалец. 

Вардар в недела го пречекува Шкупи во натпревар од 9. коло на ПМФЛ, а следниот европски натпревар е 18 октомври во Скопје против Реал Сосиедад.