• Мартин Танасковски
Под голем притисок го дочекаа дербито фудбалерите на Феенорд и нивниот тренер Робин ван Перси, поради серијата послаби резултати што ја доведоа во прашање втората позиција и пласманот во Лигата на шампионите. Во обид да се стабилизира ситуацијата, клубот неодамна го ангажираше искусниот Дик Адвокат како советник.
Иако изгледаше дека кризата ќе продолжи и во „Класикерот“ против Ајакс, тимот од Ротердам успеа да избори реми 1-1 на домашниот „Де Кајп“ и да ја задржи предноста во однос на директниот конкурент.
По првото полувреме без голови, во кое домаќините беа нешто поопасни, Ајакс поведе во 54. минута. Стур ја искористи одбиената топка на работ од шеснаесетникот и со прецизен удар од околу 18 метри го совлада голманот Веленројтер за водство од 0-1.
Гостинската предност траеше до 81. минута, кога Фиц-Џим направи прекршок во сопствениот казнен простор. По проверката со ВАР, главниот судија Дани Макели досуди пенал за Феенорд. Од белата точка сигурен беше Модер, кој го постави конечниот резултат 1-1.
До крајот на натпреварот немаше поголеми возбудувања, па двата тима мораа да се задоволат со по еден бод. Феенорд останува на втората позиција со 53 бодови, додека Ајакс е четврти со 48 бодови.



