• Мартин Танасковски
Шпанската фудбалска федерација ги отфрли жалбите на Барселона и Осасуна во врска со новоодредениот термин за пресметката од 27. коло меѓу двете екипи, која првично требаше да се одигра на 8 март, но беше одложена во последен момент поради смртта на еден од лекарите на Каталонците.
Пред три дена федерацијата закажа новиот термин да биде 27 март, четврток. Сепак, двата клуба се спротивставија на ваквата одлука бидејќи има само два дена од последните натпревари на репрезентациите.
Така, Барселона за овој меч најверојатно ќе остане без Рафиња и Араухо, бидејќи Бразил и Аргентина играат ноќта на 26 март, а неколку часа претходно Уругвај гостува во Боливија. Екипата од Памплона има еден интернационалец за кого овој меч може да се покаже како предизвик - Енцо Бојомо, кој во Либија ќе се вклучи со репрезентацијата на Камерун.
Осасуна требаше да игра и на 28 март против Атлетик Билбао, но овој натпревар сега е одложен за 30 март.