Фати: Го живеам својот детски сон, играм покрај Лионел Меси

Младата ѕвезда на Барселона, Ансу Фати вчера со два гола за само четири минути беше меѓу најдобрите поединци во победата над Виљареал од 4-0. 

Иако има само 17 години, фудбалерот одлично се снаоѓа на теренот и ги користи шансите кои ги добива. По мечот со Виљареал, Фати се осврна за играњето со Лионел Меси и како тоа е исполнување на сонот. 

„Играњето со Меси за мене беше сон откако бев дете, а сега го живеам истиот. Сакам да напредувам секој ден, да продолжам да учам од соиграчите, бидејќи тие се меѓу најдобрите на светот и ми помагаат секојдневно да растам“, изјави Фати. 

Откако минатата сезона Ансу Фати стана најмладиот стрелец во историјата на Барселона, веднаш му се предвиде блескава иднина. Сега, со заминувањето на Луис Суарез, тој би можел да добие поголема шанса и минутажа под водство на Куман.