• Мартин Танасковски
Во рамките на најновото коло од француската Лига 1, љубителите на фудбалот уживаа во возбудливи натпревари полни со пресврти и ефектни голови. Најголемо внимание привлече дербито меѓу Монако и Ница, кое заврши без победник (2-2), во меч што понуди вистински спектакл, особено во првото полувреме.
Самиот почеток на натпреварот кој го носи епитетот на дерби на Азурниот брег донесе контроверзна ситуација откако голот на Менди беше поништен по интервенција на ВАР, но гостите не се поколебаа и во 29. минута преку Софијан Диоп дојдоа до водство. Само неколку минути подоцна, Ница остана со играч помалку по исклучувањето на Абди, што накратко изгледаше како пресвртница во корист на домаќините.
И покрај тоа, Ница успеа да ја зголеми предноста благодарение на прецизно изведен пенал на Диоп, кој со вториот погодок ја стави својата екипа во комотна ситуација. Монако, сепак, не се предаде. Ансу Фати, некогашниот голем талент на Барселона, намали на 1-2 со прецизен удар, а потоа во 56. минута реализираше пенал за конечни 2-2. Во преостанатите минути, тимот од кнежевството нападна со сите сили, но не успеа да стигне до целосен пресврт.
И на другите натпревари немаше помалку драма. Екипите на Авр и Рен одиграа идентично реми со резултат 2-2, иако гостите од Рен имаа идеален почеток со голови на Брил Емболо и Естебан Лепол во првите триесет минути. Авр намали преку Иса Сумаре од пенал, а иако Рен повторно се закани со трет гол кој беше поништен, казната стигна во 79. минута кога Расул Ендијаје израмни и донесе бод за својот тим.
Најубедлив триумф во ова коло запиша Стразбур, кој пред своите навивачи ја декласира екипата на Анже со 5-0. Иако гостите се држеа повеќе од половина час, отпорот беше скршен во 36. минута со гол на Хоакин Паниќели. Аргентинецот подоцна постигна уште еден погодок, а во листата на стрелци се запишаа и Абдул Уатара, како и Марсијал Годо со два брзи гола во 66. и 70. минута. Со оваа победа, тимот на тренерот Лијам Росениор се искачи на третото место на табелата.









