ВИДЕО: Фарфан и Рамос му ја донесоа на Перу последната „виза“ за СП!

Репрезентацијата на Перу е последен учесник на Светското првенство (СП) во фудбал кое во 2018 година ќе се игра во Русија, откако во вториот бараж-меч со 2-0 славеше над аутсајдерот Нов Зеланд.

По ремито на првиот дуел (0-0),  Перу на домашен терен ја оправда фаворитската улога. Мундијалската „виза“ за земјата ја донесоа Џеферсон Фарфан и Кристијан Рамос, кои погодија во мрежата на противникот во 28. и 65. минута.

Перу, кој на големиот фудбалски настан ќе учествува за првпат по 1982 година, на ждрепката за СП ќе биде во вториот шешир, а групите за Мундијалот во Русија ќе бидат одредени на ждрепка која е закажана на 1 декември.