Фановите го исвиркуваа Умтити поради Меси, Французинот лут не го славеше трофејот

Ерата на Барселона без Лионел Меси започна со трофеј, откако момците на Роналд Куман со убедливата победа над Јувентус (3-0) го освоија „Трофејот Гампер“.

Одличната игра на Каталонците и освоениот трофеј секако дека се позитивен импулс за фановите на шпанскиот гигант, но тие на финалето беа фокусирани кон искусниот дефанзивец Самуел Умтити, кого го исвиркуваа пред и за време на натпреварот.

Лионел Меси поради финансиските проблеми на Барселона не го продолжи договорот со клубот и го напушти „Камп Ноу“, а фановите за еден од виновниците за заминувањето на Аргентинецот го посочуваат токму Умтити.

„Гол“ тврди дека раководството на Барселона им понуди на Умтити и Пјаниќ да го напуштат клубот, со цел да ги намалат трошоците и да обезбедат средства за задржување на Меси, но францускиот дефанзивец одбил, со образложение дека не сака ова лето да менува клупски бои. Токму затоа, Умтити не доби позитивен прием кај фановите на Барселона во финалето со Јувентус и видно разочаран не учествуваше во прославата, односно веднаш по последниот судиски свиреж се упати во соблекувалната.