• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Кристал Палас остварија значајна победа на гостински терен против Тотенхем со резултат 3-1 во натпревар од 29. коло на Премиер лигата, со што дополнително ја продлабочија кризата во редовите на лондонскиот клуб.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот на стадионот на Тотенхем уште од самиот почеток навести дека гостите ќе имаат сериозна шанса да дојдат до позитивен резултат. Играчите на Палас беа поагресивни и поорганизирани, а првата закана ја создаде Вортон, чиј удар беше одбранет од голманот на домаќините Викарио. Италијанскиот чувар на мрежата тогаш ја спаси својата екипа, но тоа беше само најава за проблемите што следуваа.
Во 29. минута Сар ја затресе мрежата на домаќините, но по интервенција од ВАР собата погодокот беше поништен поради офсајд позиција. Иако Тотенхем накратко здивна, радоста на домашните навивачи дојде само неколку минути подоцна. Во 34. минута Соланке успеа да го искористи продорот на соиграчот и со прецизен удар од непосредна близина донесе водство за домаќините.
Сепак, предноста на Тотенхем траеше кратко. Само четири минути подоцна, дефанзивецот Ван Де Вен направи невнимателен старт во сопствениот казнен простор врз Сар, по што судијата досуди пенал за гостите. Дополнителен удар за домашниот тим беше директниот црвен картон за холандскиот фудбалер, со што Тотенхем остана со играч помалку. Од белата точка сигурен беше токму Сар, кој го израмни резултатот. По израмнувањето, гостите ја презедоа иницијативата и почнаа сè почесто да се закануваат кон голот на домаќините. Во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме Вортон испрати одлична топка до Ларсен, кој се снајде одлично пред голот и ја испрати топката зад грбот на Викарио, комплетирајќи го пресвртот за Кристал Палас.
Агонијата на домаќините не заврши тука. Само неколку минути подоцна повторно во центарот на вниманието беше Сар, кој по уште една добро организирана акција на гостите успеа да ја зголеми предноста на својот тим. Неговото второ погодување на натпреварот практично го реши победникот уште пред паузата. Незадоволството кај домашната публика беше очигледно. Дел од навивачите почнаа да ги напуштаат трибините уште пред завршувањето на првото полувреме, испраќајќи гласни свирежи кон своите миленици. Тимот предводен од Игор Тудор делуваше без енергија, а играта со играч помалку дополнително ги ограничи нивните можности за враќање во натпреварот.
Во второто полувреме темпото на игра опадна, а Кристал Палас внимателно ја контролираше предноста. Тотенхем имаше неколку обиди да ја намали разликата, но најсериозниот обид на Соланке беше одбранет од голманот Хендерсон. Гостите рутински ја одржуваа предноста и без поголеми проблеми го приведоа натпреварот кон крај.
Со овој триумф Кристал Палас се искачи на 13 позиција на табелата со 38 освоени бодови и направи важен чекор кон мирна завршница на сезоната. Од друга страна, ситуацијата за Тотенхем станува сè посериозна. Лондонскиот клуб се наоѓа на 16 место со 29 бодови, само еден повеќе од зоната за испаѓање, што значи дека во преостанатиот дел од сезоната ќе мора значително да го подобри настапот доколку сака да избегне дополнителни компликации во борбата за опстанок во елитата на англискиот фудбал.





