Фабрегас е нов тренер на клубот каде ја заврши богатата кариера

Сеск Фабрегас официјално e привремен тренер на италијанскиот второлигаш, Комо. Шпанецот неодамна ја заврши својата играчка авантура, а воедно стана и косопственик на клубот во кој ја заврши богатата кариера. 

Фабрегас би требало да го предводи тимот до назначувањето на постојан тренер, кој најверојатно би бил назначен во јануари или на почетокот од следната сезона. Досегашниот тренер, Морено Лонго, доби отказ од управата, а тоа малку ги шокираше навивачите, зашто во последните три кола тимот освои седум бодови и покажуваше знаци на добра форма. 

Комо во моментов има 21 бод и е шестопласиран во Серија Б, со изгледни шанси за плеј-оф или директен пласман во елитата. Заостанувањето зад лидерот Парма изнесува осум бода, но до крајот на сезоната има уште многу натпревари. 

Сеск Фабрегас важеше за еден од најдобрите во светот на неговата позиција и имаше блескава кариера, исполнета со многу успеси и седумнаесет освоении трофеи. Започна во Арсенал, а потоа играше уште за Барселона, Челзи, Монако и Комо. Заврши токму во италијанскиот тим, со кој сега ќе се обиде да забележи голем успех и да обезбеди пласман во Серија А.