• Мартин Танасковски

Новиот тренер на Вардар, Кристијан Фабиани, го одработи новиот тренинг со „црвено-црните“ и испрати јасна порака за амбициите на клубот во новата сезона. Аргентинскиот стратег истакна дека е задоволен од почетокот на подготовките и од односот на фудбалерите, нагласувајќи дека пред тимот стојат големи предизвици како на домашната, така и на европската сцена.
„Задоволен сум. Играчите тренираат добро и подготвени се за работата што нè очекува. Имаме големи цели и амбиции, ќе работиме напорно и ќе дадеме максимум за да ги оствариме. Фудбалот е непредвидлив и може да се случи сè, но наша обврска е секој ден да работиме најдобро што можеме“, изјави Фабиани.
Тој смета дека македонскиот шампионат станува сè поквалитетен, но потенцира дека Вардар мора да ја оправда улогата на лидер и да се издвојува од конкуренцијата.
„Лигата е компетитивна и од година во година напредува, но наша задача е Вардар да прави разлика. Не сите клубови располагаат со условите што ги имаме ние и мора максимално да го искористиме тоа“, нагласи новиот шеф на стручниот штаб.
Фабиани не ја криеше гордоста што добил можност да работи во најтрофејниот македонски клуб.
„Дојдов во најголемиот клуб во Македонија и тоа претставува огромен мотив за мене. Имам бескрајна доверба во себе и во работата што ја правам. Не сакам поделби и не правам разлика меѓу играчите. Сакам да создадам хомогена група која ќе дише како едно, ќе се бори заедно и ќе победува заедно“, порача Фабиани.
Вардар веќе ги започна подготовките за новата сезона, а во наредните денови тимот ќе ги интензивира активностите пред европските квалификации и новите предизвици што ги носи шампионската година.
