ФА и Саутгејт го одбија барањето на ФИФА за изјави на полувреме

Англиската фудбалска асоцијација (ФА) го одби барањето на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) селекторот Герет Саутгејт да дава изјави за медиумите на полувремето од натпреварите на Светското првенство во Катар.

Како што пренесува „Sportsmail“, челниците на ФА во текот на изминатите неколку недели разговарале со Саутгејт за ова барање на ФИФА и на крај дошле до заклучок дека интервјуто на полувремето ќе биде одвраќање во периодот кој може да биде исклучително важен за селекторот и играчи.

ФИФА врши голем притисок врз сите 32 земји-учеснички да ги прифатат проширените обврски кон радиодифузерите, но интервјуата на полувремето не се задолжителни. Наводно, неколку селектори од висок профил се согласиле на оваа обврска, меѓу кои и селекторот на Франција, Дидие Дешамп, но Саутгејт ја отфрли оваа можност и нагласи дека периодот помеѓу двете полувремиња од натпреварот е времето што тој сака целосно да го помине со своите играчи.

Фудбалската асоцијација потврди дека Саутгејт ќе им биде достапен на новинарите од радиодифузерите и носителите на правата пред и по секој натпревар на Англија на Светското првенство во Катар.