Европските прваци меѓу првите пристигнаа на германско тло

Актуелните европски шампиони, италијанските фудбалери попладнево пристигнаа во Изерлон, во близина на Дортмунд, каде ќе престојуваат за време на Европското првенство во Германија.

Селекторот Лучијано Спалети и неговите играчи беа пречекани од околу стотина навивачи и претставници на силната италијанска заедница која живее во западниот дел на Германија. Италијанската експедиција го напушти тренинг кампот во Коверчано и полета од Фиренца за Дизелдорф, од каде со автобус се упати до хотелот каде што ќе бидат сместена барем во групната фаза од натпреварувањето.

Италија ќе ја започне одбраната на титулата на 15 јуни во Дортмунд против Албанија. Во второто коло пет дена подоцна ќе игра против Шпанија во Гелзенкирхен, а во последното коло на 24 јуни во Лајпциг против Хрватска.

Италијанските фудбалери во вторник попладне во Изерлон ќе го имаат првиот тренинг во Германија и тој ќе биде отворен за јавноста.