• Саше Љолес
Дисциплинските тела на Француската професионална фудбалска лига (ЛФП) го казнија Пари Сен Жермен со 150.000 евра поради лошата состојба на тревникот на стадионот „Паркот на принцовите“.
Казната се однесува на натпреварот меѓу ПСЖ и Рен, кој првично требаше да се одигра во Париз на 19 август. Поради очајната состојба на теренот, клубовите се договорија да ги заменат домаќинствата.
„Комитетот за натпревари одлучи да му изрече казна од 150.000 евра на Пари Сен Жермен, согласно членот 501.4 од Правилникот за натпреварување на ЛФП, кој ги регулира обврските на клубовите во однос на квалитетот на теренот и обезбедувањето алтернативен стадион“, стои во соопштението.
Рен ја презеде улогата на домаќин, додека ПСЖ гостуваше во првото коло од Лига 1. Иако парижаните имаа предност од 2-0 до 71. минута, натпреварот на крајот заврши без победник, односно со конечен резултат 2:2.
Казната за ПСЖ доаѓа како последица на пропустите околу одржувањето на теренот на еден од најпознатите стадиони во Франција.






