• Иван Димовски
Самсунспор направи тренерска смена. Противникот на македонскиот претставник Шкендија во нокаут фазата од Конференциската лига на УЕФА остана без тренер во пресрет на првиот меѓусебен дуел.
Турскиот клуб ја прекина соработката со Томас Реис по двата последователни порази. Самсунспор загуби со 3-0 од Трабзонспор и 3-1 од Анталијаспор, па тие резултати му пресудија на досегашниот тренер.
Клубот експресно го промовира и наследникот на Реис, а тоа ќе биде Торстен Финк. Се работи за 58-годишен германски стратег кој во кариерата ги водеше Инголштад, Базел, Хамбургер, АПОЕЛ, Австрија Виена, Грасхоперс, Висел Кобе, Рига, Ал-Наср, Сент Тројден и Генк.
Првиот натпревар меѓу Шкендија и Самсунспор се игра в четврток од 21:00 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Реваншот меѓу македонскиот и турскиот тим се игра седум дена подоцна.










