ВИДЕО: Европската драма кулминира на „Стемфорд Бриџ“, Челзи на пенали обезбеди финале на ЛЕ!

Фудбалерите на Челзи по изведувањето на пеналите го совладаа тимот на Ајнтрахт Франкфурт со 4-3 на „Стемфорд Бриџ“ и обезбедија пласман во финалето на Лига Европа. Натпреварот во регуларниот дел и по дополнителните 30 минути заврши со идентични 1-1 од првиот меч во Германија.

  • Извештај од натпреварот:

Избранциите на Сари беа тие кои први поведоа на денешниот натпревар, откако Рубен Лофтус-Чик, во 28. минута ја искористи асистенцијата од Азар и го совлада Трап (1-0). Предноста на домаќините ја анулира Лука Јовиќ, кој по четири минути игра во вториот дел ја круниса одличната акција на Гачиновиќ и им донесе израмнување на Германците (1-1).

До крајот на регуларниот дел фудбалерите на Челзи беа поблиску до втор погодок, но обидите на Запакоста и Жиру беа непрецизни, па натпреварот во регуларниот дел заврши 1-1 и поради повторување на резултатот од Германија, мечот влезе во дополнителни 30 минути.

Во првите 15 минути домаќините први се заканија преку Аспиликуета, а гостите возвратија со две големи шасни на Халер, но и во двата обиди неговиот удар беше блокиран. Во 115. минута Запакоста имаше нова извонредна шанса, но Кевин Трап со уште поубава интервенција исфрли во корнер и обезбеди 1-1 по продолженијата.

Во пенал-рулетот прв во втората серија за домаќините промаши Аспиликуета, а во четвртата кај гостите неуспешен беше Хинтерегер. Во решавачката петта серија Кепа го одбрани ударот на Пасиенсиа, а големото финале со прецизен удар од белата точка за Челзи го донесе Еден Азар.

Противник на Челзи во големотo финале на 29 мај во Баку ќе биде тимот на Арсенал, кој ја елиминира шпанска Валенсија.

>>> ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Арсенал ја освои „Местаља“ и обезбеди финале на ЛЕ!