• Саше Љолес

Европа очигледно има сѐ поголем проблем со фудбалските хулигани и во моментов „гори“ и во други земји, не само во Грција. Нашиот јужен сосед ги затвори стадионите на два месеца поради дивеењето на навивачите, но нешто слично се случува и во Белгија, каде државата мораше да воведе сериозни мерки за спречување на инцидентите.
Последниот немил настан се случи на вечното дерби помеѓу Андерлехт и Стандард Лиеж, а ова беше вкупно четврти пат во последните шест години натпреварот да биде исполнет со прекини, тепачки и употреба на пиротехника која го отежнува нормалното одвивање на мечот.
Веднаш беа преземени низа мерки, а клубовите и фудбалската федерација се договорија да нема гостински навивачи до крајот на сезоната 2024/25. Сите клубови-учесници во Про Лигата го прифатија предлогот и излегоа со кратко соопштение за јавноста.
„Тоа што порано претставуваше најубав настан во белгискиот фудбал, сега е огромно разочарување за вистинските љубители на овој спорт и за сите нормални навивачи. Ја почитуваме одлуката на федерацијата и жалиме за исходот, но гостинските навивачи ќе имаат забрана за присуство на стадионите во следните година ипол“, се вели во краткото соопштение.
Белгиските власти во соработка со полицијата договорија низа средби и состаноци, на кои ќе се дискутира за заострување на сите казни поврзани со фудбалските хулигани. Дел од институциите предлагаат ефективни затворски казни за секој сторител на прекршочно или кривично дело, кои не би биле пониски од двегодишен престој зад решетки.
Уште една од мерките е доживотна забрана за доближување на 500 метри од било кој спортски објект во Европа, а секој хулиган би бил евидентиран во интернационална мрежа раководена од специјално одделение во Интерпол.