Европа има 13 места за СП во Катар, ждрепката за квалификациите во ноември

Пандемијата од коронавирус може да донесе мали промени и во квалификациониот циклус за Светското првенство во Катар во 2022 година. Извршниот комитет на УЕФА вчера донесе заклучоци и за европската зона квалификации за следниот Мундијал. 

„Стариот континент“ ќе даде 13 претставници во Катар, од кои десет како победници во групите, а три селекции како победници во баражите, во кои ќе патриципираат дванаесет репрезентации. Десет второпласирани и двете најдобри репрезентации од Лигата на нации кои не избориле директен пласман или бараж ќе играат во плеј-офот.

55 селекции ќе бидат поделени во десет квалификациски групи, а предвидено е ако дозволи пандемијата со ковид-19, да се одиграат со присуство на публика од март до ноември 2021 година. Баражите се предвидени за март 2022 година. 

Квалитативните шешири не се одредени, но се шпекулира дека Македонија ќе се најде во четвртиот барабан. 

Ждрепката за евро-квалификациите е предвидена за 29 ноември 2020 година, а за завршниот турнир во април 2022 година.