Европа има нов Лестер: Македонец и дружината освоија прва титула во 128 години!

Фудбалскиот клуб Тун е вистинска сензација оваа сезона во швајцарскиот фудбал, откако од новајлија во елитата успеа и официјално да ја освои шампионската титула! Тимот кој минатата година ја освои втората лига, одигра доминантно во Суперлигата и забележа историски успех. Пред почетокот на сезоната, речиси сите прогнози беа дека Тун ќе води тешка битка за опстанок. Наместо тоа, клубот од самиот старт го отвори првенството со четири победи во низа. Тоа беше само најава за она што следуваше, шокантни резултати и убедлива предност на врвот на табелата, и покрај скромните вложувања во споредба со конкурентите.

Клубот, основан во 1898 година, има богата и турбулентна историја, со чести подеми и падови. Најголемиот успех го оствари во сезоната 2004/05, кога заврши втор во домашното првенство и обезбеди место во квалификациите за Лигата на шампионите. Тогаш успеа да стигне до групната фаза, каде што се натпреваруваше со европски гиганти, оставајќи значаен белег на меѓународната сцена.

Под водство на тренерот Мауро Лустринели, Тун оваа сезона изгради тим кој успешно комбинира искуство и младост. Составот, со просечна возраст од околу 25 години, покажува зрелост во однос на ривалите. Клучна улога имаат капитенот Марко Бирки и искусниот играч од средниот ред Леонардо Бертоне, кој е еден од лидерите и на теренот и надвор од него. Во нападот се истакнува македонскиот фудбалер и репрезентативец Елмин Растодер, кој со 13 голови и седум асистенции е најдобар стрелец на тимот. Значаен придонес даваат и Кристофер Ибаји и Фабио Фер, кои се меѓу истакнатите поединци во составот.

Од љубителите на фудбалот, Тун го доби прекарот „новиот Лестер Сити“, затоа што испиша бајка во Швајцарија каква што не се памети подолго време, односно второлигаш да освои титула веќе следната сезона.

До крајот на швајцарскиот шампионат остануваат уште три кола.