Европа е доминантна, дали УЕФА заслужува повеќе места на Мундијалите?

Иако актуелното Светско првенство сè уште не е завршено, вниманието веќе полека се насочува кон Мундијалот во 2030 година. По расплетот во полуфиналето, повторно се отвори прашањето дали Европа треба да има поголема застапеност на најголемата фудбалска сцена.

Во борбата за финалето се најдоа три европски репрезентации - Франција, Шпанија и Англија, додека Аргентина е единствениот полуфиналист што не доаѓа од стариот континент. Овој сооднос повторно ја поттикна дискусијата околу распределбата на местата за завршниот турнир.

Историјата покажува дека европските селекции со децении доминираат на светските првенства. Од првиот Мундијал во 1930 година, европските репрезентации имаат вкупно 65 настапи во полуфиналето, што претставува околу 71 процент од сите учесници во оваа фаза.

Јужноамериканските селекции се втори со 24 полуфинални настапи, најмногу благодарение на Бразил, Аргентина и Уругвај. Другите конфедерации многу поретко успеваа да стигнат до завршницата - Африка првпат имаше полуфиналист во 2022 година преку Мароко, Азија во 2002 година со Јужна Кореја, а Северна Америка само еднаш, кога САД играа полуфинале на првото Светско првенство во 1930 година.

Токму овие бројки се главниот аргумент на оние кои сметаат дека УЕФА треба да добие повеќе места на идните светски шампионати. Во меѓувреме, европските квалификации за Светското првенство во 2030 година ќе се играат според нов систем. Планирано е 36 репрезентации да бидат поделени во три групи со по 12 селекции, а моделот ќе биде инспириран од новиот формат на Лигата на шампионите и ќе ги зема предвид резултатите од Лигата на нации.

Официјалната одлука за форматот се очекува во септември. Според најавите, по четири репрезентации од секоја група директно ќе се пласираат на Мундијалот, додека преостанатите места ќе се распределуваат преку бараж.

Поради тоа, дел од фудбалската јавност смета дека сегашната квота од 16 европски места би можела да биде недоволна, особено ако се земе предвид дека домаќините Шпанија и Португалија автоматски ќе обезбедат учество на Светското првенство.

Сè погласни се ставовите во фудбалската јавност дека УЕФА треба да побара најмалку 18 места за Светското првенство во 2030 година.

Во исто време, јужноамериканските репрезентации традиционално имаат полесен пат низ квалификациите, додека голем број места и понатаму ќе им припаднат на африканските и азиските селекции, што дополнително ја поттикнува дебатата околу сегашната распределба на квотите за Мундијалот.