• Зоран Мишевски
Од следното Светско првенство во фудбал, бројот на учесници на завршниот турнир ќе се зголеми на 48, но тоа не значи дека ќе биде поедноставно да се стигне на еден Мундијал.
Еве што треба да направи Македонија за да игра на едно Светско првенство.
Од Европа ќе се квалификуваат вкупно шеснаесет репрезентации на шампионатот кој во 2026 година заеднички ќе го организираат Мексико, Канада и Соединетите Американски Држави. Европските квалификации ќе бидат поделени во групна фаза и плеј-оф. Групната фаза е планирана да биде поделена на дванаесет групни сегменти, со по четири или пет репрезентации.
Победниците на групите ќе обезбедат директен пласман на Светското првенство, додека второпласираните репрезентации ќе играат плеј-оф, заедно со четири најдобро рангирани репрезентации во Лигата на нации (селекции кои нема да се изборат преку нормалните квалификации). Овие шеснаесет селекции во плеј-офот ќе бидат поделени на четири турнири од по четири репрезентации. Ќе се игра еден натпревар во полуфинале и еден во финале, а победниците од четирите турнири ќе обезбедат место на Светското првество.
Натпреварите од квалификациите и плеј-офот ќе се играат од март и ноември 2025 година.