ВИДЕО: Еврогол на Тодоровски, Работнички се одјави со триумф над Пелистер

Екипата на Работнички ја заврши сезоната со победа над Пелистер (2-1) и го испрати ривалот во второлигашкото друштво догодина.

  • Работнички - Пелистер 2-1:

Дебармаалци се мачеа едно полувреме да го скршат бедемот на противникот, но во вториот дел успеаја во тоа и запишаа заслужени три бода. Работнички е безбеден, има опстанок, а следната сезона тимот ќе цели на Европа.

Резултатот на стадионот „Борис Трајковски“ се отвори во 63. минута, кога Димитар Тодоровски постигна вистински еврогол од далечина. Девет минути подоцна способностите со глава ги покажа Марио Станковски за зголемување на позитивата, додека битолчани го намалија поразот преку Ричков во 83. минута по еден изведен корнер и проигрување од Маневски.

Работнички ја заврши сезоната на осмото место во ПМФЛ. Пелистер, пак, со само 14 бода се сели во единствената ВМФЛ од следната сезона.