ВИДЕО: Еврогол на Ѓеоргиев, Брегалница го симна Охрид од врвот и ја вжешти трката за ПМФЛ

Фудбалерите на Брегалница ја забележаа досега најважната победа во ВМФЛ и направија голем исчекор кон остварување на целта – враќање во прволигашкото друштво. „Сините“ со минимални 1-0 (1-0) го совладаа директниот конкурент во оваа битка и лидер до пред ова коло Охрид.

Штипјани соодветно возвратија на повиците на клубот и речиси до последно место ја наполнија новата трибина на „Градскиот стадион“ и беа вистинска поддршка за фудбалерите на теренот. Момците на Влатко Костов го почувствуваа тоа и одиграа како што се очекуваше од нив, баш онака како што е потребно во трката за влез во елитата.

Клучниот момент на натпреварот се случи во финишот од првото полувреме, кога по една грешка на гостинската одбрана, топката дојде до Лука Ѓеоргиев, кој од шеснаесет метри испрати „проектил“ во противничката мрежа и донесе огромна радост на теренот и трибините (1-0).

Во второто полувреме Охрид имаше обиди да се врати во игра и најмалку да избегне пораз, но домаќинот не го дозволи тоа и впиша огромни три бода на своето конто. 

По ова коло имаме нов лидер, тоа е тимот на Скопје (50 бода), а второто место со по 49 бода го делат три екипи – Охрид, Шкендија Арачиново и Брегалница.