Евро-купови 2025: Прв триумфален поход на ПСЖ, Челзи до историја, Шкендија го оствари сонот! 

Сезоната 2024/25 во европските клупски натпревари организирани од УЕФА беше една од најзапаметливите во последните години, исполнета со историски победи, драматични финалиња и повеќе тимови кои го остварија сонот за европски трофеј. Особено се мисли за еден од најбогатите клубови во светот – ПСЖ, кој за првпат се закити со титулата европски шампион!

Најпрестижниот европски клупски турнир, Лига на шампионите, заврши на 31 мај со спектакуларно финале на „Алијанц Арената“ во Минхен. Пари Сен Жермен забележа историска победа над италијанскиот Интер со убедливи 5-0, освојувајќи ја својата прва титула во Лигата на шампионите со најголемa разлика во едно големо финале. Освојувачот беше предводен од младиот играч Дезире Дуе, кој беше прогласен за играч на натпреварот. На тој начин ПСЖ стигна и до првата „триплета“, откако го освои Купот на Франција, а исто така ја одбрани титулата во домашниот шампионат. 

За трофејот во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лига Европа, се бореа два англиски гиганти. Финалето во Билбао понуди возбудлив натпревар меѓу Тотенхем и Манчестер Јунајтед. Лондончани остварија тесна победа од 1-0, благодарение на погодокот на Џонсон уште во првото полувреме. Ова беше прв трофеј за „петлите“ во Лига Европа, кој им обезбеди и учество во Лигата на шампионите за следната сезона. 

Во најновото натпреварување, Конференциската лига, повторно трофејот заврши во клуб од Лондон. Челзи по спектакуларен пресврт го совлада Бетис и ги обедини сите трофеи под капата на УЕФА. Откако шпанскиот клуб поведе, Челзи одговори со неверојатна серија голови во вториот дел и на крај славеше со 4-1. Оваа победа за Челзи значеше не само европски пехар, туку стана единствениот клуб што ги освоил трите натпреварувања на УЕФА (Лига на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига).

Иако УЕФА натпреварите не се директно поврзани со домашните шампионати, резултатите и рангирањата од европските купови влијаеја значително врз позициите на тимовите за наредните сезони. На пример, успесите на англиските клубови во европските натпревари му помогнаа на Премиерлигата да добие дополнителни места во следното издание на Лигата на шампионите.

Клупската сезона беше затворена со Светското клупско првенство, кое што за првпат се играше со 32 клуба. На турнирот во САД, кој не ги оправда очекувањата, барем кога во прашање е посетеноста, ПСЖ беше голем фаворит. Парижани тоа го потврдуваа со настапите во групната и елиминационата фаза, но во финалето наидоа на разиграниот Челзи, кој на погонот на Кол Палмер извојува историски триумф од 3-0. Следниот клупски Мундијал ќе се одржи за четири години (2028), а ФИФА веќе размислува за проширување од 32 на 48 екипи.

Кога сме кај индивидуалните награди, речиси и да немаше изненадувања. Усман Дембеле ги освои наградите „The Best“ на ФИФА и „Златната топка“, додека Ламин Јамал беше прогласен за најдобар млад фудбалер.

2025 година е историја и за македонскиот фудбал. Шкендија по голем број неуспешни обиди, конечно се избори за прво учество во групната фаза, сега лигашка, во едно натпреварување на УЕФА. Тетовчани не само што беа дел од лигашката фаза во Конференциската лига, туку обезбедија и нокаут-фаза, која што започнува во февруари следната година. Актуелниот првак на Македонија заврши на 22. место на табелата, па ќе игра против 11 или 12 тим на табелата. Тоа значи дека Шкендија вкрстува со Лех Познањ од Полска или Самсунспор од Турција.
Извлекувањето на паровите ќе се одржи на 16 јануари, а плеј-оф фазата ќе се одигра на 19 и 26 февруари следната година. Она што е сигурно е дека Шкендија ќе биде домаќин на првата средба. Да се надеваме на успешни настапи на нашите македонски клубови на европско тло и во 2026 година.