• Горан Упале

Зад нас е уште една година која што ни донесе неверојатни случувања во Лигата на шампионите. Најелитното клупско натпреварување на УЕФА одново понуди незаборавни моменти и резултати, и епски трофеј на Реал Мадрид. Возбудливо беше и во Лига Европа која ја освои Ајнтрахт Франкфурт, додека Жозе Мурињо на својата Рома ѝ донесе меѓународен трофеј по пауза од четириесет години, откако „волчицата“ триумфираше во новото натпреварување – Конференциската лига.
„Кралевите“, предводени од стариот „лисец“ Карло Анчелоти, ја освоија својата 14-та титула во Лигата на шампионите. Иако на патот до големиот успех пред себе имаа неверојатно моќни противници, избраниците на италијанскиот стратег ја режираа можеби најлудата сезона во елитното натпреварување. Откако во групата забележа неочекуван пораз од Шериф, Реал во елиминационата фаза елиминира четири гиганти, од кои три од Премиер лигата. Прва пречка му беше ПСЖ на Меси, Мбапе и Нејмар, потоа елиминиран беше Челзи, па најголемиот фаворит за трофејот Манчестер Сити, додека во големото финале во Париз совладан беше Ливерпул со минимални 1-0. Така, Реал Марид одблежежа уште една неверојатна сезона во Лигата на шампионите, додека неколку „кралеви“ како Модриќ, Kрос Карвахал, Каземиро... го освоија петтиот трофеј.
Бројни возбудувања и изненадувања имаше и во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лига Европа. Актуелен освојувач е Ајнтрахт Франкфурт кој во големото финале по изведувањето на пеналите го совлада Глазгов Ренџерс. Германскиот тим имаше незаборавна сезоната, во четвртфиналето ја елиминира големата Барселона, додека во битката за финале извојува две победи над фаворизираниот Вест Хем. Во финалната средба трагичар беше Арон Рамзи, кој не реализираше во пенал-серијата, а херојот на германскиот тим, голманот Кевин Трап по натпреварот даде интересна изјава и рече дека „освојувањето на овој трофеј е поубаво од сексот“.
Во 2022 година се одигра и премиерното финале од Конференциската лига – третото клупско натпреварување на УЕФА. Прв освојувач е екипата на Рома, која што во финалето беше поуспешна од Феенорд и славеше со 1-0.
Со овој триумф предводникот на „волчицата“ Жозе Мурињо ја продлабочи својата легенда, бидејќи за него ова беше петто европско финале и петта победа, со што стана единствениот тренер со трофеи во сите три активни натпреварувања на УЕФА.