Евра: Се степавме со Видиќ и не разговаравме три месеци

Поранешниот лев бек на Манчестер Јунајтед, Патрис Евра, вели дека за време на престојот на „Олд Трафорд“ имал посебен однос со Немања Видиќ, но и дека во еден момент имал физичка пресметка со српскиот дефанзивец, поради што не разговарале три месеци.

Евра и Видиќ пристигнаа во Јунајтед во исто време, во јануари 2006 година, а воведните денови не покажаа дека ќе остават толку длабока трага во таборот на „црвените ѓаволи“.

„Бевме сместени во ист хотел и многу се мачевме на почетокот. Беше многу лошо. Бевме испратени да одиграме еден натпревар за резервите, но бевме заменети на полувреме. Се сеќавам дека Вида тогаш рече дека мора да се врати во Москва, а Рома беше заинтересирана за мене. Поминавме многу тешкотии заедно, затоа имам таква почит кон него“, рече Евра во интервју за клупската веб -страница.

Со текот на времето, работите си дојдоа на свое место.  Французинот и Србинот станаа незаменлив дел од одбраната во тимот на Сер Алекс Фергусон, но во еден момент нивното пријателство се распадна.

„Имавме физичка пресметка. После тоа не разговаравме три месеци. Игравме заедно, но не комунициравме ниту на терен. Фергусон мораше да ги ротира него и Фердинанд за да го стави Рио на левата стоперска позиција, поблиску до мене. Тоа траеше три месеци, а по еден натпревар, Вида ми пријде во соблекувалната и ми ја подаде раката. Сите тогаш мислеа „конечно“, бидејќи ние всушност бевме најдобри пријатели. Многу го сакам. На почетокот се мачевме, но покажавме дека сме вистински. Имавме одлична врска“, откри Евра.

Двајцата ја имаа таа чест да бидат и капитени на англискиот гигант. Играчот роден во Сенегал за Јунајтед до 2014 година кога се пресели во Јувентус. Истата година, Видиќ го засили Интер.