Евра ги подбра легендите кои „плукаа“ по Керик: Него го избркаа за три месеци и сега кажува...

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Патрис Евра, остро реагираше на критиките кои во последниот период ги добива Мајкл Керик од страна на поранешни легенди на клубот.

Керик пред неколку дена го доживеа првиот пораз како предводник на „црвените ѓаволи“, а тоа беше повод за нови коментари од аналитичарите и поранешните фудбалери на клубот. Меѓу најгласните беа Рој Кин, Гери Невил и Пол Сколс, кои сметаат дека клубот треба да размислува за менаџер со поголемо искуство и освоени трофеи.

Евра, сепак, не се согласува со таквиот пристап и порача дека критиките кон Керик се претерани и непотребни. Французинот дури изрази изненадување од изјавите на Сколс, за кого вели дека секогаш бил мирен и повлечен карактер во соблекувалната.

„Се надевам дека тоа што го објави Сколси на Инстаграм не е вистина, дури помислив дека можеби му е хакиран профилот. Тој секогаш беше еден од најтивките во тимот, па ме изненадува кога гледам дека во јавноста постојано фрла ‘бомби’. Не разбирам зошто Керик не добива поддршка, бидејќи прави многу добри работи со екипата“, изјави Евра.

Французинот додаде дека медиумските анализи често се премногу негативни и дека во овој момент најважно е што Јунајтед е во борба за местата кои водат во Лигата на шампионите.

„Постојано слушаме негативни анализи од Сколс, Рој Кин и Невил. Искрено, ме нервира тоа. Тимот се бори за место во топ четири и моментално сме таму. Не разбирам зошто се создава толкава негативност, но очигледно таква е работата на телевизија, полесно е да се биде негативен отколку позитивен“, додаде поранешниот бек.

Евра не пропушти да го потсети и Невил на неговото кратко и неуспешно тренерско искуство во Валенсија.

„Еднаш му реков на Невил дека е лесно да се зборува од телевизиско студио. Видовме што се случи кога беше тренер во Валенсија – таму бараа паелја, а тој им даде риба и чипс. Доби отказ по само три месеци и луѓето не забораваат такви работи. Како фудбалери тие се легенди, но како тренери не направија ништо големо. Затоа мислам дека претеруваат кога толку жестоко го критикуваат Керик“, порача Евра.

Под водство на Керик „црвените ѓаволи“ имаат скор од шест победи, едно реми и еден пораз.