• Саше Љолес
Англискиот премиерлигаш Евертон, официјално доби намалување на казната со која му беа одземени десет бодови поради непочитувањето на финансискиот фер-плеј. „Карамелите“ прво ја добија најжестоката казна во историјата и им беа одземени десет бодови, но сега арбитражната комисија ја намали казната на шест бодови негатива.
Ова значи дека овој голем преседан полека се „фрла“ во заборав, а можно е и уште поголемо намалување, затоа што клубот поднесе нови две жалби до англиската федерација. Тимот грчевито се бори за опстанок во елитното друштво, а со новите четири бода ќе има вкупно 25 и ќе се искачи на 15. позиција на табелата.
Евертон сезоната ја започна со неколку одлични партии, но потоа формата драстично падна и се чини дека овие бодови доаѓаат во вистински момент. Навивачите се надеваат дека нивните миленици уште повеќе ќе се мотивираат и ќе започнат да бележат позитивни резултати во следните кола, со што еден од најславните англиски клубови би го задржал премиерлигашкиот статус.