Евертон ги прекршил правилата, Барнли добива отштета од 35 милиони фунти!

Евертон ќе мора да му исплати 35 милиони фунти на Барнли по одлука на независна комисија, која утврди дека клубот од Ливерпул ги прекршил финансиските правила на Премиер лигата.

Случајот се однесува на сезоната 2021/22, кога Евертон беше прогласен за виновен за прекршување на правилата за профит и одржливост на работењето (ПСР) во текот на тригодишниот пресметковен период.

Барнли тврдеше дека прекршокот на Евертон директно влијаел врз неговите шанси за опстанок во елитното англиско друштво. Според клубот, поради тоа претрпел значителни финансиски загуби откако испаднал во понизок ранг на натпреварување.

Независната комисија му додели на Барнли 26 милиони фунти отштета, како и дополнителни девет милиони фунти камата, со што вкупната сума што треба да ја исплати Евертон изнесува 35 милиони фунти.

Од Евертон најавија дека ќе ја обжалат одлуката и ќе ги искористат сите расположливи правни средства во обид да ја поништат пресудата.

Овој случај претставува уште еден удар за клубот од „Гудисон парк“, кој во последните години се соочува со сериозни проблеми поврзани со почитувањето на финансиските правила во англискиот фудбал.