Еве колку може Њукасл да потроши во јануари за засилувања

Њукасл Јунајтед и официјално е продаден на инвеститори од Саудиска Арабија. Инвестициската групација предводена од Саудискиот фонд за јавни инвестиции (ПИФ) стана сопственик на култниот клуб од Англија.

Премиер лигата ја одобри продажбата на клубот од „Сент Џејмс Парк“, откако, како што се вели во соопштението, „доби правно обврзувачки гаранции дека Кралството Саудиска Арабија нема да го контролира Њукасл Јунајтед“. 

На чело на ПИФ е Мохамед бин Салман, саудиски принц и наследник на кралот во Саудиска Арабија. Тој ја води владата на неговиот татко, кралот Салман Бин Абдулазиз и е најмоќниот човек во државата. Така Њукасл стана клуб со најбогат сопственик во светот, но поради правилата на финансискиот фер-плеј не може преку ноќ да ги донесе најдобрите играчи. Сепак, во следниот преоден рок „страчките“ ќе имаат доволно пари да донесат фудбалери, со кои клубот може да се бори за што повисока позиција на табелата, а не само за опстанок.

Бин Салман би можел да потроши најмалку 230 милиони евра во јануарскиот преоден рок, бидејќи поранешниот сопственик Мајк Ешли се погрижи Њукасл да работи со плус во последните години, а со тоа се отвораат нови можности за инвестиции во тимот.

Во следните три години, се очекува Њукасл да се вклучи во борбата за титулата во Англија, а англиските медиуми веќе почнаа да ги споменуваат имињата на фудбалери кои би можеле да пристигнат во клубот. Меѓу нив се Лука Модриќ, Хари Кејн, Кејлор Навас, Осман Дембеле, Серхи Роберто...