• Мартин Танасковски
По серијата слаби резултати, позицијата на тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, станува сè понеизвесна, а сценариото за предвремена разделба изгледа пореално од кога било. Иако беше донесен како стратег кој треба да ја започне новата ера на „кралскиот клуб“, Алонсо по само 28 натпревари на клупата се соочува со сериозна закана од отказ.
Незадоволството во раководството на Реал ескалираше по поразите од Манчестер Сити и Селта, резултати што дополнително ја продлабочија кризата. Според информациите од Шпанија, пред Алонсо е поставен јасен ултиматум, победа на дуелот против Алавес е единственото нешто што може да му ја зачува работата. Секој друг исход би значел речиси сигурен прекин на соработката.
Доколку дојде до најлошото сценарио, Алонсо барем нема причина за финансиска грижа. Неговиот договор со Реал Мадрид важи до летото 2028 година, а во случај на отказ клубот би морал да му го исплати целиот преостанат износ, што би го направило овој раскин еден од најскапите тренерски „разводи“ во историјата на клубот.
„Реал Мадрид, поради евентуален отказ, би можел да исплати повеќе од 30 милиони евра на Чаби Алонсо и неговиот стручен штаб. Неговата плата изнесува околу девет милиони евра нето по сезона“, пренесуваат шпанските медиуми.
Во меѓувреме, се тврди дека претседателот на клубот, Флорентино Перез, веќе започнал со потрага по потенцијален наследник. Доколку Алонсо навистина ја напушти клупата, во игра наводно остануваат само три имиња, тоа се Зинедин Зидан, Јирген Клоп и Алваро Арбелоа.







