• Иван Димовски

Повратникот во второлигашката конкуренција Еуромилк Горно Лисиче се пофали со пет нови имиња за новата сезона.
Најискусно засилување за тимот на Јован Трајков е голманот Филип Лазаревски. Тој доаѓа во Горно Лисиче од редовите на Осогово, а во кариерата бранеше за Вардарски, Слога Виница, Кадино, Воска Спорт, Скопје, Работнички, Шкупи, Лабуништа, Кораби, Работнички, Борец и Металург. Лазаревски беше дел и од Еуромилк една полусезона на стартот на кариерата.
Засилување за дефанзивната линија, поточно за левата бековска позиција е Марко Стојчевски. 25-годишниот фудбалер последно беше дел од Тетекс, а претходно настапуваше за Вардар Неготино, Скопје, Саса, Локомотива, Охрид, Кадино и Македонија ЃП. Во странство беше дел од Телеоптикс во Србија и Монтана во Бугарија, додека како младинец настапуваше за Вардар и Академија Пандев.
Дополнително засилување за ротацијата на поранешниот прволигаш се и трите имиња кои доаѓаат од академијата на Вардар. Станува збор за Филип Дамевски, Филип Смиљков и Марио Маркулев.
До враќањето во ВМФЛ екипата на Еуромилк Горно Лисиче стигна со освојувањето на трофејот во ТМФЛ - Север, а потоа и со победа над Каменица Саса во баражот.
