Еуромилк ГЛ не го менува тренерот кој обезбеди промоција

Управниот одбор на Еуромилк ГЛ донесе одлука Јован Трајков да остане на тренерската функција и во наредната сезона, во која клубот ќе настапува во Втората македонска фудбалска лига.

Стратегот ја предводеше екипата до шампионската титула во изминатата сезона во Третата лига, а потоа до триумф и во баражот, па така раководството оцени дека континуитетот во работата и довербата во стручниот штаб се вистинскиот пат кон нови успеси.

„По одличната сезона во која заеднички ги остваривме зацртаните цели, веруваме дека континуитетот во работата и довербата во стручниот штаб се вистински пат за понатамошен развој и нови успеси на клубот“, соопштија од Еуромилк ГЛ.

Паралелно со продолжувањето на соработката со Трајков, клубот активно работи и на засилување на играчкиот кадар. Во тек се преговори со неколку фудбалери, кои треба дополнително да го зголемат квалитетот и конкуренцијата во тимот пред стартот на новата сезона.

Подготовките за сезоната 2026/27 ќе започнат на 1 јули, кога екипата ќе ги започне подготовките за предизвиците што ја очекуваат во второлигашката конкуренција.