Еуфорија до небо: Билети за последниот меч на Ријека се продаваат десет пати поскапо од вредноста!

Огромна е еуфоријата во Ријека и нејзината околина, бидејќи овој тим е во пол-позиција во трката за трофејот во Хрватската прва лига. Во пресрет на последното коло Ријека е лидер и против Славен Белупо треба да победи за да стане шампион на Хрватска. 

Поради тоа огромен беше интересот за билети за натпреварот. Околу 8.000 билети колку што е капацитетот на новиот стадион беа распродадени за неполн час, а многумина кои беа побавни останаа со празни раце. 

Секогаш ваквите натпревари будат огромен интерес, но и шанса за оние кои сакаат да заработат. Така, билети кои биле купени по 20 или 40 евра сега се враќаат на пазарот и достигнаа цена од дури 250 евра. Иако тоа не делува премногу, сепак е огромна сума за билет за балкански услови. 

Ријека и Динамо Загреб имаат по 62 бода на врвот, а „модрите“ имаат полош меѓусебен биланс. Своја шанса од сенка чека и Хајдук, ама со 60 бода мора да дочека порази на водечките две екипи. Сите три средби кои ќе решаваат за титулата се играат в недела од 17:00 часот.