Ето го отпушти селекторот, Камерун има два тима за настап на АКП?

Во пресрет на Африканскиот Kуп на нации, фудбалската репрезентација на Камерун се најде во вистински хаос. Претседателот на Фудбалската федерација, легендарниот Самуел Ето, го смени селекторот Марк Брис бидејќи не бил задоволен од списокот на повикани фудбалери за турнирот.

Ето веднаш го именуваше Давид Пагу за нов селектор и објави нов список на репрезентативци, на кој ги нема големите ѕвезди Андре Онана, Ерик Максим Чупо-Мотинг и капитенот Винсент Абубакар.

Сепак, Брис одбива да ја прифати смената, тврдејќи дека сè уште има важечки договор и дека одлуката на Ето е мотивирана од личен интерес и его, а не за доброто на репрезентацијата. Поради тоа, тој објави сопствен список на фудбалери и најави дека ќе ги продолжи подготовките за АФКОН.

Така, Камерун моментално има двајца селектори и два различни списоци за истото натпреварување, а двата табора планираат подготовки за турнирот во Мароко.

Дополнително „масло на огнот“ фрла фактот што Винсент Абубакар е на само 12 голови од рекордот на Самуел Ето како најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата, што според шпекулациите е една од главните причини за неговото изоставување.

Како ќе се разреши овој незапаметен скандал и кој ќе ја предводи репрезентацијата на Камерун на Африканскиот Куп на нации, останува да се види во наредните денови.