ВИДЕО: Еспањол погоди за 18 секунди, а го има и првиот Кинез стрелец во Примера

Екипата на Еспањол продолжи со добрите партии во шпанска Примера и на домашен терен со 3-1 (1-1) беше подобра од Ваљадолид, за петти меч без пораз во најквалитетнта шпанска фудбалска лига.

Домаќинот одлично го отвори натпреварот и поведе по само 18 секунди игра, затоа што Иглесиас успеа да го даде еден од најбрзите голови во историјата на шпанска Примера. Фудбалерот на Еспањол доби топка во шеснаесетникот и го лобуваше противничкиот голман.

Само седумнаесет минути подоцна, Алкараз постигна погодок за Ваљадолид и изедначи на 1-1. Пред финишот на првиот дел, Гвардиола промаши пенал за комплетен пресврт, па Еспањол го казни тоа, па преку Хермосо и Ву Леи дојде до триумф од 3-1. Ву Леи воедно испиша историја, затоа што стана првиот Кинез кој успеал да стресе мрежа во Примера.

Еспањол се наоѓа на 11. позиција во Примера со 33 бода, додека Ваљадолид е на шеснаесеттото место и пет кола не знае за успех.