Ериксен ѝ се обрати на јавноста: Добар сум, но сакам да дознаам што ми се случи

Ериксен болница

Кристијан Ериксен беше во фокусот на јавноста на почетокот на Европското првенство. Одличниот дански репрезентативец колабираше на терен и итно беше пренесен во болница.

Дуелот меѓу Финска и Данска беше прекинат два часа, пред да продолжи и да заврши со минимална победа на аутсајдерот. Токму играчот за врска им порачал на своите соиграчи да бидат силни и да го доиграат натпреварот истиот ден.

Данецот првпат се огласи во јавноста и испрати порака до сите фанови преку „Газета дело Спорт“:

„Ви благодарам за поддршката, нема да се предадам. Се чувствувам подобро, но сакам да дознаам што ми се случи. Сакам да им се заблагодарам на сите за сè што направија за мене“.

Првичните информации поврзани со причината за овој несреќен случај се дека Ериксен доживеал срцев удар. Дополнителните анализи во болницата не се детално познати за јавноста.