• Горан Упале

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик Тен Хаг изјави дека ќе направи сè што е во негова моќ за славниот клуб повторно да почне да освојува трофеи.
„Црвените ѓаволи“ вечерва на „Сити Граунд“ ќе се соочат со Нотингем Форест во првиот полуфинален дуел од Лига купот, а реваншот е веќе на први февруари на „Олд Трафорд“. Јунајтед секако е фаворит за пласман во финалето, а потоа и за освојување на првиот трофеј од 2017 година.
„Освојувањето на трофеј е најдоброто чувство што можете да го имате. Имав среќа да освојам неколку во кариерата и тоа е одлично, особено за навивачите. Мислам дека навивачите овде имаат искуство кога се во прашање трофеите, особено постарите. Но, веќе предолго време клубот е без трофеј. Свесни сме за тој факт и мораме да направиме сè за да донесеме трофеи на Олд Трафорд“, изјави холандскиот стручњак.
Последниот трофеј Манчестер Јунајтед го освои во 2017 година кога, предводен од Жозе Мурињо, во финалето на Лига Европа беше подобар од поранешниот клуб на Ерик Тен Хаг. Во тоа време на клупата на Ајакс седеше Питер Бош.
Во меѓувреме, Ливерпул го надмина Манчестер Јунајтед по бројот на трофеи, но „црвените ѓаволи“ и понатаму имаат најмногу титули во Премиер лигата – дваесет, еден повеќе од клубот од „Енфилд Роуд“.