• Иван Димовски
Повремениот македонски репрезентативец Ердал Ракип ќе биде во потрага по нова средина оваа зима. Момчето родено во Шведска заминува од матичниот клуб и ќе бара нов ангажман.
Малме преку официјалните канали соопшти дека Ракип заминува по истекот на договорот на крајот на декември, a бидејќи сезоната во Шведска заврши, тој повеќе нема задолженија со клубот.
„Му се заблагодаруваме на Ердал за сè досега што направи за Малме. Тој како продукт на академијата дојде до шест шампионски титули, па има специјално место под „синото“ небо на клубот. Ердал е роден од Малме и дете е на клубот, па на такви играчи не им велиме збогум, туку се гледаме повторно“, стои во соопштението.
26-годишникот стана член на клупските структури во родниот Малме уште на петгодишна возраст, во 2018 година замина во Бенфика, па беше позајмен и во Кристал Палас, ама не се наметна и се врати во Шведска. Ракип шест пати беше првак на Шведска со Малме, а освои и еден Куп. Со клубот се натпреваруваше во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а сега е пред нов предизвик во кариерата.



