• Саше Љолес

Мохамед Салах пред истекот на преодниот рок сакаше да замине во Саудиска Арабија, но Ливерпул ги одби сите понуди, од кои највредната изнесуваше околу 250 милиони евра. Ал-Итихад сакаше да го доведе Египќанецот во својот тим, но „црвените“ не дозволија никакви изненадувања во последните моменти од трансфер-прозорецот.
Сепак, јасно е дека Салах е на излезните врати на „Енфилд“ и голема е веројатноста уште во јануари да замине на арапскиот континент. Се шпекулира дека тренерот Јирген Клоп веќе размислува за изгледот на тимот без Салах во него, а како најадекватна замена бил посочен Бразилецот Родриго, кој настапува за Реал Мадрид.
Клоп одамна има изјавено дека е фан на Родриго и смета дека тој одлично би се вклопил во неговите тактички замисли. Бразилскиот офанзивец веќе запиша над 170 официјални настапи за „кралскиот клуб“ и постигна 38 голови во сите конкуренции. 22-годишникот има големо искуство и сигурно би бил од голема корист за нападот на „црвените“. Се претпоставува дека Реал би се согласил на продажба за сума не помала од 100 милиони евра, а Ливерпул веројатно би ги имал овие средства на располагање.
Едно е јасно, ерата на феноменалниот Мо Салах полека завршува, само не е познато кога точно ќе замине од англискиот премиерлигаш. Египетскиот репрезентативец за Ливерпул одигра над 230 натпревари и постигна 151 гол. Дали токму Родриго ќе биде неговата замена, останува да видиме.