Епско осминафинале во Рим: Болоња по продолженија и меч со седум гола ја исфрли Рома (ВИДЕО)

Фудбалерите на Болоња се пласираа во четвртфиналето на Лига Европа, откако ја победија Рома со вкупен резултат 4-5 по продолженија и тоа среде Рим. По нерешениот резултат во Болоња, тимот на Винченцо Италиано успеа да запише триумф од 3-4 по многу драма и 120 минути игра во највозбудливиот натпревар вечерва.

  • Извештај од натпреварот:

Сè започна во средината на првото полувреме, кога Џонатан Роу упати удар од левата страна на шеснаесетникот и ја затресе мрежата на немоќниот Свилар (0-1). Радоста на гостите траеше само десет минути, бидејќи на Еван Ндика толку му беа потребни за да го израмни резултатот по корнерот на Лоренцо Пелегрини. Сепак, гостите заминаа на полувреме со предност, откако Федерико Бернардески постигна гол од пенал во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме (1-2). Во 58. минута на „Олимпико“ следеше целосен молк, откако Сантијаго Кастро го зголеми водството на Болоња со исклучително прецизен удар. Се чинеше дека тимот на Винченцо Италијано ќе го обезбеди своето место во четвртфиналето во регуларните деведесет минути.

Фудбалерите на Рома не мислеа така, бидејќи Донел Мален ја продолжи својата серија на голови, постигнувајќи погодок од пенал во 69. минута. Рома, на општо задоволство на навивачите, целосно се врати во натпреварот во 80. минута, Лоренцо Пелегрини доби топка од Ваз и со прецизен удар од работ на шеснаесетникот ѝ донесе на „волчицата“ израмнување и продолженија (3-3).

Првите петнаесет минути поминаа без многу возбудувања, сè додека Николо Камбиаги не им сервираше „ладен туш“ на навивачите на Рома и го круниса контра нападот на Болоња во 111. минута со гол по додавањето на Далинга. Екипата на Џанпјеро Гасперини тргна на „сè или ништо“, но немаше промена во резултатот, па Болоња на спектакуларен начин се пласира во четвртфиналето од Лига Европа, каде што ќе се соочи со Астон Вила.