ВИДЕО: Епски меч во Лондон, Челзи со ТРИ гола за 11 минути до реми против Ајакс

Екипата на Ајакс прокоцка неверојатна шанса со камата да го наплати поразот пред својата публика од Челзи, затоа што вечерва испушти водство од 1-4 и запиша само бод против разиграниот англиски премиерлигаш (4-4). 

  • Извештај од натпреварот: 

Дуелот на „Стемфорд Бриџ“ започна кошмарно за домашните фудбалери, особено за голгетерот Абрахам, кој уште во втората минута си даде автогол и донесе водство за Ајакс од 0-1. Сепак, веќе во следниот напад Пулишиќ беше срушен во казнениот простор на Ајакс и Жоржињо со прецизен удар од 11 метри израмни на 1-1.

Холандскиот шампион не се уплаши од одличната атмосфера во Лондон и продолжи да игра офанзивно и по неколкуте полушанси, по еден центаршут на Зијеч, Промес не погреши од само неколку метри и ѝ го врати водството на својата екипа (1-2). Кон крајот на првиот дел среќата повторно беше на страната на фудбалерите на Ајакс, откако овој пат несреќен автогол си постигна голманот Кепа за 1-3 на полувреме. 

Лудиот меч во Лондон продолжи и по паузата, откако најпрво Ван ден Бек зголеми на 1-4, но Аспиликуета експресно возврати и намали на 2-4. Кон средината на вториот дел се случи ретко видена ситуација на фудбалските терени, затоа што Ајакс за само 60 секунди заработи два црвени картони. Прв „поцрвена“ Блинд, а веднаш по него и Велтман, а Жоржињо со својот втор реализиран пенал во 71. минута ја врати неизвесноста на мечот (3-4). 

Избраниците на Френк Лампард експресно ја искористија бројчаната предност на теренот и нововлезениот Џејмс најдобро се снајде по една мешаница пред гостинскиот гол и со силен удар ја смести топката зад грбот на Онана и ги постави конечните 4-4. Лондончани веќе во следниот напад повторно ја затресоа мрежата на Ајакс, но овој пат голот на Аспиликуета беше поништен.