ВИДЕО: Епски гол со пета на Матета, Палас во 95. минута го „расплака“ Брајтон

Екипата на Брајтон повторно ги разочара своите фанови, откако запиша нов пораз во Премиер лигата, овој пат од еден од најлошите и најдосадните тимови во англиската елита, Кристал Палас, кој до големите три бода стигна по двата единствени удари кон противничкиот гол (1-2).

  • Извештај од натпреварот: 

Момците на Портер според сите очекувања го отворија мечот на „Амекс Стадиум“, топката константно беше во нивните нозе, но никако не можеа да ја пробијат густата гостинска одбрана, која во одредени моменти беше составена од дури осум фудбалери. Како што се ближеше крајот на првиот дел, така иницијативата на „галебите“ беше сè поконкретна, а гостите како да чекаа таков момент и деконцентрација во домашната одбрана. 

Во 28. минута Ajeв доби фантастична топка во празно и асистираше до новото засилување на лондончани Жан Мантета, кој пак со неверојатна пета ја протна топката меѓу нозете на Санчез и на својот тим му донесе водство од 0-1, резултат со кој се замина на одмор. 

Портер уште на стартот на вториот дел се реши за промена во својот состав и во игра го внесе искусниот Дани Велбек, а тоа веднаш донесе резултат, затоа што во 53. минута одбраната на Кристал Палас конечно капитулираше и Велтман погоди за израмнување.

По погодокот за 1-1 домашните фудбалери уште пожестоко го нападнаа гостинскиот гол, но овој пат не најдоа вистинско решение. Затоа на спротивната страна во самиот финиш поранешниот ас на Ливерпул, Кристијан Бентеке со фантастичен волеј донесе огромна победа за Кристал Палас од ова гостување (1-2).

Оваа сезона Брајтон, кој игра доста допадлив и атрактивен фудбал, досега извојува само пет победи, од кои само една на својот „Амекс“.