• Мартин Танасковски

Европа ќе добие нов младински владетел, затоа што Германија У21 разочара и испадна уште во групната фаза. Англија У21 беше подобра од „панцерите“ во третото коло од групната фаза (2-0) и така заврши како перфектна.
Три победи на три меча забележа островската селекција и како максимална ја заврши групната фаза. Интересно, „Гордиот албион“ ги доби сите три меча со идентичен резултат - 2-0. Пред Германците, Англичаните ги победија Израел и Чешка. Двата гола на мечот паднаа во првото полувреме, стрелци беа Арчер и Елиот во 4. и 21. минута.
Директниот дуел за втората позиција меѓу Израел У21 и Чешка У21 им припадна на Израелците (1-0) и така земјата испиша историја затоа што првпат во своето постоење дојде до нокаут-рундата на младинскиот шампионат. Единствениот погодок на натпреварот го постигна Омри Ганделман во 82. минута од мечот.
Англија во четвртфиналето на ЕП У21 ќе игра против Португалија У21, додека Израел ќе се соочи со уште едно изненадување, тоа е еден од домаќините Грузија У21.