ЕП: Италија преку Англија на европскиот трон, историско деби за Македонија

Италија

Европското првенство 2020 година се организира дванаесет месеци подоцна од планираното. Пандемијата со коронавирусот ја натера УЕФА да ја донесе оваа тешка одлука и да го премести турнирот, на кој Македонија испиша историска страница.

Нашиот национален тим со победа над Грузија и преку новоформираната Лига на нации се пласира на своето прво големо натпреварување. Тимот предводен од Игор Ангеловски настапи во Групата Ц и запиша три порази и тоа од Австрија, Украина и на крај од еден од домаќините Холандија. Првиот погодок во нашата историја на големите настани беше дело на Горан Пандев. Легендарниот фудбалер заедно со селекторот по крајот на првенството ја напуштија репрезентацијата. 

Шампионатот донесе и немил настан, во случајот со Кристијан Ериксен. Данскиот репрезентативец падна на тревникот за време на дуелот со Финска, поради што заврши во болница. Овој момент му го промени животот и кариерата, бидејќи операцијата и помагалото за работата на срцето го спречија веднаш да се врати на терените.

Речиси и да немаше големо изненадување по групната фаза. Осминафиналето донесе крај за настапите на Португалија, Франција, Хрватска, Германија и Холандија. Голем број фаворити изостанаа во завршницата од турнирот. Тоа го искористија Англија и Италија за да закажат финале на „Вембли“. Головите на Шо и Бонучи донесоа реми по регуларниот дел од мечот, а по пеналите титулата замина во рацете на „аѕурите“ на Роберто Манчини.

Кристојано Роналдо беше најдобар стрелец со пет гола, колку што имаше и Чехот Патрик Шик. Играч на турнирот беше Џанлуиџи Донарума, а најдобар млад играч беше Педри од шпанската репрезентација.