ЕП 2024: Шпанија и Англија со најголема заработка, „ситно“ за Шкотска, Чешка и Албанија

Репрезентацијата на Шпанија одигра совршен турнир и сосема заслужено го освои Европското првенство, а тоа автоматски значи дека „фуријата“ ќе ја добие и најголемата парична награда од Европската фудбалска куќа (УЕФА). 

Шпанците со самиот пласман во финалето обезбедија награда од 25,2 милиони евра, но оваа сума порасна за уште три милиони, откако се закитија со престижниот трофеј. Кога ќе се додадат сите бонуси, вкупната сума изнесува нешто помалку од 29 милиони евра. Тоа е максималната парична награда што може да ја добие победникот на Европското првенство. 

Вицешампион е Англија. „Трите лава“ на својата сметка ќе инкасираат 24,250.000 евра, или скоро пет милиони помалку од нивниот ривал во финалето, додека на третото место е селекцијата на Франција, која ќе заработи 19,2 милиони. 

Веднаш зад „триколорите“ се Холанѓаните. „Лалињата“ ќе добијат само половина милион евра помалку од Французите, а тимовите од петтото до осмото место во генералниот пласман ќе добијат сума од околу 15 милиони евра. 

Најниската сума од сите репрезентации ќе отиде кај Шкотска, Албанија, Полска и Чешка. Сите четири федерации ќе добијат по 9,75 милиони евра. Девет милиони се за самото учество на Европското првенство, а останатата сума се додава според остварените резултати.